ЈУС

Проект: Јус
Учесник: Марко Миладиновиќ, Дарко Миладиновиќ
Држава: Словенија

Достигнувањата во подрачјето на дизајнот и техничките решенија се заборавено наследство на нашата бивша држава- Југославија. Создателите на овој дизајн упорно го нарекувале истиот „соцреализам“. Врвните решенија, занимливите и квалитетни производи, како и нивниот оригинален дизајн често биле предмет на потсмевање и „ругање“. ЈУС е уметнички проект чие име е позајмено од некогаш познатата скратеница, Југословенски стандард. Идејата на авторите на проектот ЈУС е да ги  охрабрат и потсетат младите автори, инженери, дизајнери и целата јавност дека тогашниот однос на осмислување, дизајн и продукција бил напреден и во чекор со времето. ЈУС цели на тоа преку оригинален и графички комплетиран начин да ги претстави тогашните достигнувања и остварувања на полето на дизајнот и техниката. Впрочем, кој од постарите генерации не се сеќава на фрижидерите „Gorenje“, на Томосовите моторчиња, Багатовите шивачки машини и безброј други производи. Да не зборуваме за легендарното Фичо!

Изложбата ЈУС ги прикажува култните домашни производи, кои мојата генерација цинично ги заобиколи и порадо тежнееше кон туѓите, странски производи, бидејќи во тој примитивен дух им се чинело дека така ќе вредиме повеќе. „Туѓото не го сакаме, своето не го даваме“ го сфативме како флосукула а „братство и единство“ како досадна, излитена фраза и така на историјата и докажавме дека не сме вредни за сето она што досега го имавме. Затоа оваа изложба е уште позначајна, бидејќи на новите генерации ќе им биде инспирација, а на нашата генерација-опомена. 

– Magnifico

 

Оваа изложба е неопходна, пред се на мене и на мојата генерација која биолошки настанала за време на СФРЈ. Освен тоа, за мене е важна и од друга причина, бидејќи јас своето уметничко алтер его, Рамбо Амадеус исто така го дизајнирав и произведов во таа иста земја, СФРЈ, така да и брендот Рамбо Амадеус може слободно да биде изложен меѓу експонатите. Со таа разлика што Рамбо Амадеус, како бренд на СФРЈ, успеа некако да го преживее распадот на државата во која настана и да опстане на екс-СФРЈ просторите, на кои успешно функционира и денес.
На младите генерации оваа изложба ќе им биде драгоцена, бидејќи преку неа ќе видат колку индустриското производство во времето на социјализмот било квалитетно, функционално и ТРАЈНО, за разлика од производите кои денес се произведуваат во амбиент на пазарен капитализам.

– Rambo Amadeus

 

Секој простор има свои предмети. И ние имавме свои. Не ни претчувствувавме дека баш овие несовршени, нерепрезентативни технички предмети 50 години подоцна ќе станат дел од нашата приватна носталгија, топографија на нашиот културен и емотивен простор на кој некогаш живеевме.
Проектот ЈУС, односно графичката серија на Дарко и Марко Миладиновиќ имаат намера да раскажат една приказна на тема култни екс-Југословенски технички брендови, приказна за едно време, една генерација и еден живот кој се одвивал на овие простори.

– Саша Лошиќ

 

За авторите

Марко Миладиновиќ

Марко Миладиновиќ е текстописец – копирајтер и креативен директор. Низ проекти и дизајн се кали во креативната екипа Кладиво, каде работи измеѓу 1992 и 2000 година. Потоа доаѓа Армада, креативно студио специјализирано за развој на брендови. Го основа ова студио заедно со својот брат, дизајнерот Дарко Миладиновиќ. Освен градењето на идентитети и развој на брендови, студиото станува познато и по развој на концепти и дизајнирање објекти и простори. Во неговиот работен сет исто така се наоѓаат проекти кои го надминуваат пазарното опкружување и уште поинтензивно комуницираат со поширокиот општествен простор.
Освен копирајтингот и дизајнот, негова вештина е и глумата. Десет години бил член на аматерската театарска група Grapefruit, која во деведесетите години во Театарот Глеј и на гостувањата по Словенија одушевувала многу луѓе. После театарот во 2000 година следи филмот Јебига на режисерот Миха Хочевар, а во 2015 година и улогата во новата комедија на Јана Цвитковиќ со наслов Šiška Deluxe. Во 2014 година се појавува во улога на водител на телевизискиот импровизациски спектакл „Устрели“ на Планета ТВ. Секогаш добро се покажува во улога на модератор. Но без обзир на тоа што работи- дали е тоа копирајтинг, дизајн, развој на концепти, предавање, глума или менаџмент, дури и да го сретнете на ручек- хуморот е несомнено негова карактеристика.

Дарко Миладиновиќ

Дарко Миладиновиќ е креативен и уметнички директор. Својот професионален пат го започнува на крајот на неговото студирање на Академијата за ликовна уметност, и тоа во 1989 година, кога заедно со Тања Радеж го основа студиото ТАНДАР, во кое творат 12 години. Работи и во полето на графички дизајн и дизајнирање ентериер. Успешното проектирање на ентериер го надградува и со креирање на корпоративни идентитети и именување на комерцијални простори. Неговото портфолио вклучува бројни плакати, книги, ревии и магазини. За сето тоа време станува препознатлив и по прочуените „Junior design“ забави, каде работи како организатор, програмски раководител и дизајнер.
Во 2001 година заедно со својот брат Марко Миладиновиќ го основа студиото Армада, каде што е активен и денес. Во Армада работи како Сениор дизајнер и учествува во полето на графички дизајн, дизајнирање на ентериер, индустриски дизајн и нови експериментални концепти во индустрискиот дизајн.