Интерактивна презентација за деца

Untitled

Доминиум – културно јадро

ДОМИНИУМ КУЛТУРНО ЈАДРО е здружение на граѓани основано од група ентузијасти активни во областите на уметноста и хуманистичките науки. Членовите на нашата организација ја поддржуваат идејата дека функционалната реализација на човековите способности е клучна за остварување на оддржлив развој.
Доминиум дејствува во повеќе програмски области, меѓу кои спаѓа и областа на култура и уметност. Културата истовремено ги конституира значењата и ограничувањата во делувањето на поединците и групите. Динамична и котекстуално определена, културата се ресоздава преку вреднување и зачувување на традиционалните вредности, но и креативно и слободно авторско и колективно изразување.

Доминиум дејствува кон обезбедување можности и слобода за културно-уметнички живот и креативно творештво. Членовите на здружението имаат спроведено повеќе проекти од областа на креативните индустрии.

Проектот „MAKE GAME“ е авторски проект на уметницата Марија Милошевска.

Родена во 1982 година во Скопје, по завршувањето на студиите по Етнологија и Антропологија, Марија Милошевска се фокусира на изучување и на пренесување на процесот на филигранската техника преку разни медиуми. Моментално е на магистерски студии по култура при Институтот за општествени и хуманистички науки и работи на истражувањето на креативните индустрии. Од 2009та година, Марија има изведено повеќе перформанси со примена на филиграснка техника во земјата и во странство (Хрватска, Словенија, Австрија). Креатор е на наградите кои се доделуваат на меѓународиниот фестивал за рок-филмови „ДОРФ“ во Хрватска како и на наградата за животно дело на Дејвид Боуви доделена на фестивалот за музички документарци Skopje Cinema City. За септември 2015 година го подготвува перформансот во Скопје на тема „Дом, миграција, идентитет“ во соработка со кураторската организација „Something human“ од Лондон.

„MAKE GAME“ претставува концепт на дизајн на производ / прототип-играчка чија цел е да влијае врз развојот, стрпливоста, снаодливоста кај најмладите и воедно врз запознавање со значајните културни, историски и археолошки артефакти од околината на Скопје.

Патот во играта претставува лавиринт со препреки, а движењето е предводено од малото оловно топче со кое треба да се пронајде патот до целта, односно да се стигне до археолошкото наоѓалиште обележано со црвена ознака.

На задната страна на играчката се наоѓа објаснување за целта – археолошкото наоѓалиште.

Првата серија на ,,MAKE GAME“ претставува  колекција од седум дизајнирани прототип / играчки со различна содржина:

1. Лавиринт бр. 1 – конаците на Авзи-паша, Бардовци;
2. Лавиринт бр. 2 – Султан-Муратова џамија;
3. Лавиринт – мапа на Скопје, Скупи;
4. Лупа-лавиринт 2 – Скопски Аквадукт;
5. Спирала-лавиринт – Тумба, Маџари;
6. Мапа со улиците на Скопје – од Плоштад Македонија до скопската тврдина Кале;
7. Лавиринт со QR-код.