Работилница за бионички дизајн

“Нешто од ништо – како да претвориме отпад во корисни предмети“

Локација: Плаја Виста
Број на учесници: 10-15 (основци и средношколци)
Материјал за работа: различни типови на отпад (пластични или стаклени шишиња, лименки, картони, јажиња, цевки, ЦД-а) лесни алати за сечење, виткање и лепење
Реализатор: Проф. д-р Софија Сидоренко, Машински факултет – Скопје во соработка со група студенти на насоката индустриски дизајн

Целта на оваа работилница е да се поттикнат креативните потенцијали на младите луѓе (основци и средношколци) со што би ги препознале своите способности, склоности и афинитети во областа на дизајнот, а со тоа би им се помогнало во изборот на својата идна професија во некоја од областите на дизајнот.

Работилницата ќе има натпреварувачки карактер што треба да ги поттикне учесниците да го дадат максимумот креативност и вештина во рачна изработка на предмети.

Распоред на активностите:

прв ден …..              Кратко предавање за дизајнот, креативноста и инспирацијата
Запознавање со задачата, материјалите и алатките за работа
втор ден ….             Изработка на скици, концепти, припрема за реализација на проектите
трет ден …..             Изработка на предметите
четврти ден …        Презентирање на проектите на изложба во рамките на Скопје Креатива и прогласување на победници (прва, втора и трета награда)

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Софија Сидоренко е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје. По дипломирањето на архитектонскиот факултет во Скопје во 1987 година се вработила на Машинскиот факултет како асистент на предметите нацртна геометрија и техничко цртање. Развојот на компјутерската графика бил голем поттик и предизвик да продолжи со своето образование на Електротехничкиот факултет каде ги завршила постдипломските студии по компјутерска техника и информатика. Во 2002 год. го одбранила докторскиот труд под наслов “Виртуелна НЦ обработка” на Машинскиот факултет и се стекнала со звањето доктор на технички науки.

По завршувањето на докторските студии била избрана за насловен доцент на Машинскиот факултет. Во периодот 2003-2004 година во рамките на реконструкцијата на наставните програми според кредит трансфер системот на Машискиот факултет беше воведена нова студиска програма за тригодишни студии по индустриски дизајн. Софија Сидоренко беше вклучена во целокупниот развоен процес на оваа насока од нејзиното започнување во 2004 година, па се до денес. Во периодот 2008-2010 година беше активно вклучена и во реализацијата на меѓународниот ТЕМПУС проект “Развој на постдипломски студии по индустриски дизајн и маркетинг” кој резултираше со воведување на нова студиска програма на вториот циклус студии на Машинскиот факултет. Софија Сидоренко е вклучена во наставата на насоката индустриски дизајн на првиот циклус студии со неколку клучни предмети, како и со неколку предмети на постдипломските студии по индустриски дизајн и маркетинг на вториот циклус студии.

Во рамките на студиите на првиот и вториот циклус на студии во изминатиов период била ментор на голем број проектни и дипломски работи со кои студентите настапувале на редовните годишни изложби на студентите по индустриски дизајн, но и на повеќе значајни манифестации од областа на индустрискиот дизајн: МАКИНОВА 2008 и 2009, ЕКОНОВА 2008 и 2009, СКОПЈЕ КРЕАТИВА 2012, SKOPJE DESIGN WEEK 2012, MILANO DESIGN WEEK 2012, MIXER 2012 итн.

Научниот интерес на Софија Сидоренко во последниве десетина години е насочен кон областите ергономија и бионика кои се тесно поврзани со индустрискиот дизајн. Под нејзино менторство се реализирани неколку магистерски работи на повеќе актуелни теми во областа на индустрискиот дизајн, а нивните резултати се објавени како научни трудови во еминентни часописи.