Столови – дизајн концепти – Слободан Живковски

Изложбата содржи повеќе модели на столчиња, наменети за различни ситуации и намени, од што произлегуваат ергономските, геометриските и ликовните карактеристики на формата и избраните материјали. Изработени се од различни дрвени плочи, метални профили, текстил и синтетички материјали со различни текстури и колоритни обработки. Предложените модели се конципирани врз принципите на индустрискиот дизајн и подразбираат високотехнолошки процеси, со голем број варијации во секундарните надградби на одредени детали, како и избор на финалните материјали и колоритни интерпретации. Овие концепти и покрај максималното почитување на индустриските принципи, нудат извонредно ново ликовно-дизајнерско искуство со впечатлив авторски стил и се значајно збогатување на начинот на опсервација на индустриската естетика. Ликовната специфичност на предложените концепт-модели е успешна синтеза на ликовно-креативно искуство, и методологијата на индустрискиот дизајн, што за резултанта даваат производи со забележителни маркетиншки и комерцијални вредности кои се неопходни за успешноста на секој производ. Освен карактеристичните ликовни особености на предложените концепти, исто толку значајна карактеристика е истражувањето на специфичните статичко-конструктивни склопови, кои се авторски иновации и се интересно збогатување на можностите во креативната историја на тема столови. Предложените концепт модели се изработени лично од авторот и се во фаза на финализирање, и се резултат на повеќедецениска преокупираност со темата и повеќедецениското искуство на авторот во областа на дизајнот.

Дипл. инг. арх. Слободан Живковски, роден во Скопје на 18.09.1949.
Завршено средно техничко училиште ГУЦ „Здравко Цветковски“, во Скопје.
Дипломирал на Архитектонско-градежниот факултет во 1979 во Скопје.
Специјализација за индустриски дизајн на Високата национална школа за декоративни уметности (ЕNSAD) во Париз, како стипендист на француската влада  во 1981/1982 Вработувања: Во 1979 год.-  Градежен институт Македонија,  1983 год. – Mакпетрол,  како  проектант – индустриски и графички  дизајнер. Во 1993 год. работи како слободен архитект – проектант и дизајнер. Изведени два капитални  и  еден деловен објект (W.T.C.-Соравија)  во строгиот центар на Скопје,  десетина индивидуални станбени објекти и повеќе од четириесетина  ентериери,угостителски објекти, деловно–трговски објекти, изложбени салони и сл., изложбени  поставки – ЕXSPO ‘98 – Лисабон – Венеција, дизајн – проекти и реализација за сигналитика за град Скопје и Битола  и сл.                                                                                              Учество на повеќе од  дваесет конкурси за архитектура со наградувани идејни решенија  и откупи. Три  главни награди за проекти и реализации на ентериери на БИМАС.

Добитник е на  југословенската награда за реализиран индустриски дизајн за преден модул за транспортно возило 1989 година, награда за дизајн на склопливо столче од институцијата VIA, Париз  во  1982 година, награда ,,Златен мост“ за дизајн на мебел во 1981година, Првомајска награда за индустриски дизајн  за производи за  електронски комуникациски  од  Стопанска комора на Македонија во 1984 година  и сл. Реализирани пет самостојни ликовни изложбии учество на триесетина колективни  изложби. Член  на ААМ  и  ДЛУМ.