Секој има сеќавање – Елена Диновска Зарапчев и Даниела Николова

Покрај технолошкиот напредок во електрониката и префрлување на сè поголем број содржини во дигитална форма, сепак, сите ние сè уште ги чуваме старите фотографии. Тие се дел од нашиот живот, од едно минато време. Позначајните од нив, во кои вечно се вткаени нашите сеќавања, значајните моменти и важните луѓе, ги украсуваме со рамка.
Врамувањето фотографии (кои поради доминацијата на дигиталните форми сè повеќе добиваат архивска и културно-историска вредност) им дава дополнителна вредност. Таа вредност се изразува преку специфичниот стил, дизајн, деталите, концептот, материјалите од кои е изработена, со приказната која самата рамка ја носи во својот концепт. Со користење  различни материјали и техники, можеме да изработиме рамки соодветни за различни настани и моменти од животот. Дизајнот на рамките е со специфичен пристап за секоја од нив и е погоден за изработка во малото стопанство.

Елена Диновска Зарапчиев e дизајнер и уметник. Родена е на 26 март 1984 година во Скопје. Дипломира на Институтот за дизајн на ентериер во Милано, а магистрира на мастер студите по Дизајн на дигитален простор на НАБА – Академија на ликовна уметност во Милано. Во Милано работи со група млади уметници кои продуцираат интерактивни аудио/визуелни инсталации. По враќањето од студии работи како сет дизајнер на филмови, реклами, како и во театар. Ја интересира дизајнот и естетиката и низ годините активно истражува на неколку полиња, како графички дизајн, дизајн на мебел и индустриски дизајн. Учествува на работилници за видеоарт и интервенции во јавен простор и станува дел од тимот кој ја изгради летната сцена на кејот на реката Вардар. Изработува и маскоти и кукли, како и сценографски елементи за низа проекти поврзани со театар, телевизија и комерцијална декорација. Моментално работи како графички дизајнер во маркетинг агенција.

Даниела Николова е кустос-советник за збирката „Османслиски период” во НУ Музеј на Македонија. Родена е на 10 април 1966 година во Скопје. Дипломира историја на Филозофско-историскиотфакултет во Скопје. Таа е автор и координатор на повеќе изложби во организација на НУ Музеј на Македонија, како и автор на публикации. Од 2010 година соработува и со Турскиот културен центар „Јунус Емре“. Работи како координатор на меѓународната патувачка изложба „Замислувајќи го Балканот” во соработка со регионалното биро за УНЕСКОсо седиште во Венеција и со националната комисија за УНЕСКО при Министерство за култура на Р Македонија. Минатата година работи како координатор на проектот „Заживување на традицијата за изработка на слики од бакар со активно вклучување на младата популација” – проект поддржан од националната комисија за УНЕСКОпри Министерство за култура на Р Македонија.