MAKE GAME 2 – Марија Милошевска, 3Г Доминиум

MAKEGAME 2 претставува концепт на дизајн на производ/прототип – играчка чија цел е да  влијае на развојот, стрпливоста, снаодливоста кај најмладите и воедно запознавање со значајните културни, историски и етнолошки артефакти од нашата земја.Патот во играта претставува лавиринт/шема инспирирана од  вез или поентлес со мотив од богатиот фолклорен опус на најрепрезентативните примероци од нашето поднебје. Движењето низ шемата/лавиринтот е предводено од малото оловно топче со кое треба да се пронајде патот до целта, односно да се стигне до центарот на шемата.

Играта е со почеток и крај.Во центарот или на позадината  на платформата  е аплицирана содржина која го објаснува везот, симболиката, техниката.

Втората серија на “MAKE GAME 2” претставува  колекција на дизајнирани едукативни играчки со различен мотив :1. Шема бр.1 – геометриска, 2. Шема бр.2 – зооморфна, 3. Шема бр.3 – флорална, 4.  Шема бр.4 – комбинирана, 5. Шема бр.5 – поентлес.

unspecified

Марија Милошевска – уметнички директор на ЗГ Доминиум културно јадро, е родена во 1982 година во Скопје. По завршувањето на студиите по етнологија и антропологија, се фокусира на изучување и пренесување  на процесот на филигранската техника преку разни медиуми.  Во 2009  година го изведува првиот перформанс со филигранска техника. Процесот на оживување е клучната асоцијација, почнувајќи од постојаноста на материјата, преку вдахнувањето форма и содржина, до самиот крај, кога делото живее и поседува љубов и енергија. Во 2011 година ја промовира првата самостојна изложба на филигрански накит и на инсталации „ОРОРОК- ладна жица стопена во жежок ритам“, инспирирана од ексјугословенската рок-музика. Изложбата, освен во Скопје, е претставена и во Риека, Гевгелија и во Љубљана. Во 2012 година Марија изведува уште два перформанса на филигранска техника, во Скопје и во Виена.  Истата година го промовира и својот прв документарен филм „Сребрена песна“, кој е претставен на повеќе фестивали надвор од Македонија. Веќе четири години е дел од тимот на фестивалот за документарни рок-филмови „ДОРФ“ во Винковци, Хрватска, за кој ги дизајнира наградите за најдобар филм.  Во јули 2015 година ја изработува наградата за животно дело за Дејвид Боуви, во рамки на фестивалот „Скопје синема сити“ (SkopjeCinemaCity). Моментално е на магистерски студии по култура при Институтот за општествени и хуманистички науки и работи на истражувањето на креативните индустрии. Во септември 2015 го изведе перформансот во Скопје на тема „Дом, миграција, идентитет“ во соработка со кураторската организација „Самтингхјуман“ (Somethinghuman) од Лондон.