Јас и моја прва картолина – Марјета Сидовски

Детето во секој миг учи и осознава, но и создава свест за тоа што ќе го научи. И кога е уште сосема мало, кога мислиме дека не е важно како и со што игра, тоа впива информации и учи низ игра, на своето искуство. Затоа е мошне важно правилно, прво дасоздадеме, а потоа и да одбереме дидактички играчки и игри за децата, со чија помош детето на одредена возраст ќе се здобие со правилно искуство, со кое полесно ќе го разбере светот околу себе. Дидактичките игри развиваат пред сè визуелна перцепција, една од петте основни перцепции. Визуелната перцепција е можност информациите да ги примаме со органот на вид – окото. Развивањето визуелна перцепција му помага на детето да разбере што гледа, односно да препознава и разбере различни елементи. Потоа развиваат и фина моторика – движења на малечки мускули на раката, кои му овозможуваат на детето да изврши задачи како што е вметнување одредена форма на вистинско место. Тука е и социјално-емотивниот развиток, напредување низ разнифази на социјална интеракција. Детето усвојува и развива способност за меѓучовечки односи и соработка, морално расудување, развивање чувство за сопствена свест и вредност.  ЈАС И МОЈА ПРВА КАРТОЛИНА  е едукативна дидактичка играчка, кутија со картолини. Замислена и изведена како осликана кутија, од цврст квалитетен картон, во која се наоѓаат по 6 форми – топки во боја – картолини. Секоја од кутиите со картолини обработува посебна тема, така што покрај намената за игра, картолините имаат и едукативен карактер. До
секоја картолина, која е во форма на сложувалка, се наоѓа и кратко едукативно објаснување за секоја картолина посебно, во зависност во која едиција на картолини се наоѓа. Детето низ игра се запознава со разни теми – народи и народности кои живееат и творат на територијата на Р Македонија; историја на Р Македонија; родово-сензибилни теми – како што се нестереотипни професии за жени и мажи… Едицијата едукативни картолини – ЈАС И МОЈА ПРВА КАРТОЛИНА – е наменета за деца од 3 до 5 години (претшколска возраст).


Маријета Сидовски
е родена е во Нови Сад, Србија, во 1973 год.
Дипломирала во 1998 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија, во класата на проф. ДушанПерчинков. Постдипломски студии завршува на Факултетот за применета уметност во Белград, Србија, отсек за конзервација и реставрација на штафелајно сликарство, под менторство на проф. Светислав Николиќ, во 2010 год. Во 2005 и 2010 година престојува во Париз и во Бетон, Бретања, Франција; во 2005 престојува во Њујорк, САД; во 2005 учествува на V Франкофонски игри во Нијамеи, Нигер, Африка. Од 2005 година работи во Музеј на современата уметност во Скопје, Македонија, како виш конзерватор. Остварила 36 самостојни претставувања во земјава и странство. Учесник е на повеќе од 65 групни интернационални изложби и уметнички колонии во земјава и странство. Награди: Во 2004  год. „Златна цигла“, Галерија Подрум, Нови Сад, Србија, награда за најдобра изложба според мислење на публика. Во 2008  год. „Димитар Кондовски“, награда за сликарство, ДЛУМ. Во 2012 год. „ Вангел Коџоман“, награда за сликарство мал формат, во 2015  „Златна четка“, награда за сликарство – минијатура, ДЛУМ.