Ве известуваме дека повторно го закажуваме омилениот урбан…

Почитувани,

 

Ве известуваме дека повторно го закажуваме омилениот урбан културен настан „Скопје креатива 2017“ (4-6 мај, МКЦ). Град Скопје, Конгресен центар Александар Македонски и нашите досегашни и нови соработници и оваа година забрзано работат на подготовките на шестото и досега најобемно издание на фестивалот за креативни индустрии.

Првото издание се одржа во 2012 година во Градскиот парк. Публиката имаше можност за прв пат да ги види уникатните дизајнерски решенија на бројни македонски компании и самостојни уметници, кои создаваат производи со исклучително квалитетна уметничка и естетска вредност, а од кои нашето општество има индустриски и економски бенефит. Со отворањето на првата меѓународна конференција за креативните индустрии на „Скопје креатива“ теоријата почна да се преточува во практика. Откако организаторите го воведоа терминот креативни индустрии, денес веќе, во пресрет на шестото издание, слободно можеме да кажеме дека тој стана препознатлив и широко прифатен и кај нас.

Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи.  Преку развивањето вештини и интензивирање на соработката меѓу секторите култура и економија ќе биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој.

Што ќе понудиме? Со одлична замисла и голем потенцијал, „Скопје креатива“ е еден од оние настани што го брануваат креативниот дух на градот и го одржуваат неговиот урбан лик. Во досегашните изданија можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки… Годинава имаме преку 30 настани распоредени во три дена: изложби, работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери… „Скопје креатива 2017“ ги поддржа следните проекти: Изабела Новотни / Уметноста на кукленото мајсторство, Невена Тодоровска / Мулти-Фан-Акција, Драган Христов (ЛУДУС) / Експериментална унисекс колекција, НОВА / Создавај старо во ново,  ХАЕМУС / Розалии – прослава за празникот на розите, Елена Диновска – Зарапчиев / Светлосна врска, Газменд Ајруловски, ИНС / Виртоскоп, СПИРИТ / Креативно Скопје, градот на иднината, Вера Христовска / Разгледници од Македонија и многу други, а ќе бидеме домаќини и на актрактивни светски имиња од областа на креативните индустрии. Комплетната програма наскоро ќе ја објавиме.

Што е ново? Фестивалот секоја година менува локација. Првата година бевме во Парк, потоа една година внатре во Универзална, па другата надвор, четврта година и лани на базенот Плаја Виста… Годинава тоа е Младинскиот културен центар. Затоа што овој простор одлично соодветствува на концептот на „Скопје креатива“ и затоа што од самиот почеток зазема стратешки битна позиција во животот на младите во градот Скопје, но и во целата република. И денес МКЦ останува на истата линија – да промовира и презентира културни вредности, а истовремено е и едно од најважните средишта за дружење и размена на идеи, место за слободно изразување на младите.

„Скопје креатива“ има свое мото и секоја година настапува тематски. Мотото годинава е / Do Create! Co-create!

Ве очекуваме, тимот на „Скопје креатива“

Лице за контакт: Весна Дамчевска, односи со јавност