Град Скопје од пред неколку години е официјален член…

Почитувани,

Град Скопје од пред неколку години е официјален член на мрежата на креативни градови „Les Rencontres“, кои работат на развивање на секторот на креативни индустрии, а фестивалот „Скопје креатива 2017“ во организација на Град Скопје и Конгресен центар Александар Македонски, кој годинава ќе се одржи од 4 до 6 мај во МКЦ, е дел од подолгорочната стратегија за развој на креативните индустрии (архитектура, дизајн, мода, музика, театар, филм, телевизија, издавачка дејност, занаетчиство…) во нашиот град.

  • Од година во година има сѐ поголем интерес кај пријавените и нас ни е големо задоволство што има сѐ поголем број креативци што можат да работат, бидејќи целта на овој фестивал за креативни индустрии, ни е спојување на креативците со бизнис секторот. Нашата мотивација е креативците да работат и сето тоа што ќе го сработат да биде комерцијално, да може да влезе во економскиот бизнис дел – велат организаторите.

Земјите во Европа веќе одамна го активираат креативниот сектор во креирање на политиките во развојот на креативните индустрии на национално и на локално ниво, а Велика Британија, на пример, предничи во тоа. Речиси два милиона луѓе таму се вработени во овој сектор и придонесуваат со 8 отсто во БДП на земјата.  Креативните индустрии на час таму создаваат по девет милиони фунти. Како пример на добра пракса се наведува и Австралија, како една од првите земји што овој концепт го афирмираа уште во 1994 година. Денес во оваа земја креативните индустрии се на второ место по брзина на развој и тој сектор вработува околу 5.3% работна сила во Австралија, со придонес од преку 35 милијарди долари во вкупното БДП.

  • Фестивалот „Скопје креатива“ многу брзо го препозна растечкиот развој на креативните индустрии и широко ги отвори можностите за изразување на знаењето, талентот и инвентивноста во огромното поле на уметноста, културата и медиумите. Во обид да се дефинира креативната индустрија, нејзините поборници потенцираат дека „човековата креативност е ултимативен економски ресурс“ и дека развојот на економијата во 21 век ќе биде условен од генерациите што своето знаење ќе го изразуваат низ креативност и иновација. Резултатите што ги постигнуваат креативните индустрии се импресивни – велат од тимот на „Скопје креатива“.

Фестивалот има свое мото и секоја година настапува тематски. Мотото годинава е / Do Create! Co-create! Имаме преку 30 настани распоредени во три дена: од изложби, до работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери… Во прв план при изборот на проекти беше ставена оригиналноста и иновативноста на концептот со цел надминување на класичните поделби по области во уметноста, современ пристап во поврзување на нови технологии и дигитални медиуми во уметничкото творештво и други облици на креативно изразување, промоција и активности за подигнување на свеста за значењето на креативните индустрии, поттикнување на претприемничките и бизнис вештини на младите, уметниците и поединци во рамките на креативните индустрии…

Годинава листата на учесници е навистина импресивна: Изабела Новотни / Уметноста на кукленото мајсторство, Невена Тодоровска / Мулти-Фан-Акција, Драган Христов (ЛУДУС) / Експериментална унисекс колекција, НОВА / Создавај старо во ново,  ХАЕМУС / Розалии – прослава за празникот на розите, Елена Диновска – Зарапчиев / Светлосна врска, Газменд Ајруловски, ИНС / Виртоскоп, СПИРИТ / Креативно Скопје, градот на иднината, Вера Христовска / Разгледници од Македонија, Владимир Благојевиќ / Црната Аурора, Маја Ѓуреска / Тактилис, Милена Атанасова / Мириса на дожд, Иван Пешевски / МАГ, ДОМИНИУМ / МАМКА – Македонска мушичка, Јулија Манојлоска / Транспарентни сенки, ДАСТА / Пикселација, Мартин Манојлоски / Фотографија – објект, ФОТО КИНО КЛУБ Битола / Работилница за изработка на стоп анимација, Јордан Николов / Играчките на Др. Бре – аудио книга, ФАД, ЕУРМ / Креативна синергија – Оддел графика: Природата не повикува 3Д улична уметност…

Доколку имате интерес за разговор со некои од учесниците, ве молиме да не контактирате .

Ве очекуваме, тимот на „Скопје креатива“

Лице за контакт:

Весна Дамчевска, односи со јавност

Моб.071386163