ПОЧЕТНА

Почитувани, чест ми е и задоволство што Ви се обраќам по повод одржувањето на  најновото издание на Фестивалот за креативни индустрии  „Скопје креатива 2018“, кој  годинава се одржува под мотото „7 пати до креативност“. Фестивалот е финансиски поддржан од Град  Скопје, а организатор на Фестивалот е ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“. Градот Скопје,  во својата програмска определба, се насочува кон сè поголема поддршка и иницирање на нови активности за развој и поттикнување на креативните индустрии, меѓу кои, секако, големо место зазема и организирањето на  фестивалот „Скопје Креатива“ (2012-2018). Стремејќи се кон добивање на епитет и статус на креативен град,  Градот Скопје во соработка со  претставниците на  креативната и дизајнерско-уметничката  заедница, продолжува  да ја остварува целта за создавање услови за работата во доменот на креативните сектори (ИТ ХАККАТОН, видео-филм и анимација, современ продукт-дизајн, индустриски, моден, мебел-дизајн и друго). Програмата на Град Скопје за развој на креативните индустрии опфаќа активности чијашто цел е да се поттикнат индивидуалната креативност, занаетчиските вештини и креативниот талент – нивните потенцијали и производи може да создадат економска придобивка и да отворат нови работни места (самовработувања) развивајќи ја креативната економија како нов сегмент  на локалниот бизнис  сектор  и македонската култура. „Скопје креатива“ е проект кој е од особено значење за младите македонски креативци, преку кој им се нуди одлична можност за промоција и препознавање / поврзување – едни од главните приоритети на организаторите на Фестивалот.  Од извонредна важност е проширувањето  на едукативната фестивалска програма со учесници и проекти од странство која овозможува регионално – меѓународен карактер на  фестивалот, како и внесување на нови содржини со секое издание на „Скопје креатива“. Оваа година за првпат имаме спојување на Скопје креатива со мега ИТ натпреварот ХАККАТОН како своевиден фестивал во фестивал, и традиционалното учеството на студентите по дизајн и уметност од повеќе факултети и универзитети од Скопје, учениците од средните училишта на Град Скопје преку проектот Инфо млади креативни и многуте креативни работилници за деца и млади заедно со прототипите на професионалните дизајнери и уметници. Ги поканувам сите заинтересирани да уживаме во седмото издание на фестивалот Скопје креатива.

Градоначалник на Град Скопје – Петре Шилегов

 

Културните и креативните индустрии веќе одамна се една од позначајните теми во Европската Унија, а за нивното огромно значење зборуваат и сè поголемиот број на стручни публикации и научни студии. Како своевидна рефлексија на времето во кое живееме, креативните индустрии се прифатени како движечка сила во развојот на градовите, регионите и државите, во чија основа лежи идејата за исклучително  талентирани и надарени креативци кои се идните носители на економскиот и социјалниот живот во едно општество.  Значењето на овие индустрии е дотолку поголемо од економски и општествен аспект и всушност претставува еден вид на дополнителен генератор на приходите, а акцентот е ставен на младите креативци  кои се исклучително важен сегмент во поттикнувањето на културните различности и развојот на културата и образованието. Креативните индустрии се и двигател на иновативноста, не само во уметничките области, туку и во останатите индустрии, подигајќи го на тој начин БДП на една земја, а со самото тоа претставуваат важен дел од нејзината економија. Поаѓајќи од овие сознанија, Град Скопје во 2012 година ја поддржа иницијативата за организирање годишен фестивал на млади креативци во разни области – Скопје креатива, определувајќи се за континуирана поддршка во развојот на културните и креативните индустрии, препознавајќи го притоа големиот потенцијал и можност за економски развој. Фестивалот  Скопје креатива е стратешки проект со кој Скопје веќе седми пат се приклучува на мапата на напредни европски градови спроведувајќи јавна политика со која се поттикнува културниот и креативниот сектор, создавајќи можност за младите луѓе од светот на уметноста и ИТ технологијата да создаваат нови економски и културни вредности. Во време на постојани промени  и иновации, Скопје креатива претставува исклучително важен настан, а градејќи го имиџот на различни нови брендови и компании, фестивалот учествува во развојот на културата и идентитетот на нашиот град. Иднината е на страната на оние градови кои знаат да ги искористат и насочат креативните потенцијали на своите талентирани и иновативни сограѓани.

Раководител на Секторот за јавни дејности (Град Скопје) – Тања Балаќ

 

„7 пати до креативност“ и секогаш искрено сработени и создадени седум фестивалски изданија на Скопје креатива. Секој фестивалски слоган го одразува и трасира развојот на Фестивалот, темите се слободни за учесниците – темите ги одредуваат дизајнерите, уметниците, креативците кои ја материјализираат фестивалската програма преку своите наменски проекти. Оваа седма и магична година на платформата на Скопје креатива имаме седум алгоритми на креативноста (изложби, работилници, предавања, ИТ натпревари, презентации, проект-дизајни и форум за креативните индустрии) –  еве една игра со проектите за 2018: од тркалезни фото форми и магија за Госпоѓиците од Авињон, до 3Д студентски Де Стијл; од куќа на желбите до стриповска деветка, стриповски неонски ноќи и квадрати; од „кукачко‘‘ видео до „брутален‘‘ накит – од еко-видео до едноставни линии во мебел, од безродова Ф мемоарх до светлосни врски и механички играчки, мамки и  игри, еко-книги, тактилни книги и бирократски сликовници за уметници и деца; Фејт во термоблок, фотокопирници на љубовта кои создаваат старо во ново, кукли и приказни во форми и бои, трансформиран отпад со светлосна ГМО инсталација; од деца во простор до возрасни во амбалажа … гости од фотографската Белгија, архитектонската Србија, брендираната Албанија и креативната Хрватска. 7 пати до креативност низ „галактичките‘‘ лавиринти на прототипите и бесконечната креативност на Скопје.

Програмски директор – Иванка Апостолова